Успешна имплементација на OneID и SignPlus во работата на македонските банки

Успешна имплементација на OneID и SignPlus во работата на македонските банки
По успешното лансирање на мобилната апликација OneID од страна на КИБС и Некстсенс, првата македонска шема за електронска идентификација, веќе стана практично имплементирана во работата на македонското банкарство.
Имено, Шпаркасе банка АД Скопје на почетокот од овој месец во своето работење вклучува користење електронски идентитет, дигитално потпишување документи и нивно електронско архивирање, со цел да се овозможи целосно ново дигитално искуство при вршењето на банкарските услуги.
Платформата OneID е развиена од страна на Клириншката куќа КИБС АД во рамките на брендот KIBSTrust и друштвото за информатички технологии Некстсенс, а овозможува брз и лесен начин за електронска идентификација на физички лица со користење мобилна апликација. Мобилната апликација OneID е достапна за преземање од три платформи: Google Play, AppStore и HarmonyOS.
Постапката на создавање електронски идентитет е брза и безбедна, а завршува со создавање квалификуван сертификат за електронски потпис издаден во облакот на KIBSTrust. Откако клиентот еднаш ќе го креира електронскиот идентитет, потоа ќе може да го користи за идентификување во сите компании и институции што имаат потреба од далечинска идентификација и се корисници на услугата OneID. Ширум светот, овој вид решенија за електронска идентификација функционираат повеќе години, а во Македонија, OneID е првата од овој тип.
Дигиталното потпишување документи е овозможено со користењето на платформата SignPlus, која, како и OneID, е софтвер како услуга достапна во облакот на KIBSTrust. Покрај другите функционалности, платформата обезбедува целосно онлајн дигитално потпишување документи во PDF-формат со користење различни типови сертификати. Корисникот на услугата може да ја интегрира својата електронска архива со цел автоматски да ги архивира потпишаните документи.
Сите решенија на КИБС АД и Некстсенс имплементирани во овој процес се усогласени со Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги (MK-eIDAS), барањата за заштита од перење пари и идентификација на клиенти (запознај го својот клиент) и со Законот за архивско работење на Република Северна Македонија.